Историја

Историјата на медиумите и новинарството е интегрален дел од историјата на државата.

Првите македонски весници  Нова Македонија, Млад борец и Националното Радио се основани за време на народно - ослободителната војна во 1944 година, кога е и формирана македонската држава.

Во тие времиња, постоеше отворена симбиоза меѓу партиската елита и медиумите. Новинарите се нарекуваа „општествено - политички работници“ чија што задача главно беше на публиката да ѝ го соопштат и објаснат ставот на партиското раководство и да го бранат социјалистичкото уредување на земјата.

Крвавиот расплет во некогашната Југославија, земјата го дочека со два медиумски мастодонти - Македонската радио телевизија МРТВ, со првиот и вториот канал на телевизијата и македонското радио, со неколку канали. Тука беше и Новинското издавачко претпријатие Нова Македонија во чии рамки покрај истоимениот весник, се издаваше уште на македонски јазик („Вечер“), еден на албански јазик („Фљака“), еден на турски („Бирлик“), како и повеќе периодични изданија од различен карактер („Спорт“, „Екран“, „Котелец“, „Остен“ и други).

Во 1990 година се одржуваат првите повеќепартиски избори. Тогаш, во една нова атмосфера на демократизација и отвореност, се формираат првите приватни медиуми, кои полека, но сигурно го земаат приматот од државните.

Дневниот весник Република важи за прв независен весник во земјата. Тој се појави на пазарот во 1991 година, но згасна по 218 објавени броја.

Затоа, процесот на вистинска плурализацијата во сферата на печатените медиуми, започна со излегувањето на приватниот дневен весник Дневник во 1996 година, кој претставуваше конкуренција за државната НИП „Нова Македонија“, што резултираше со пад на оваа најголема новинска издавачка куќа, а потоа и нејзина приватизација.

Во 1991  година, почна со програма првото приватно радио, а во 1993 година беше отворена првата приватна телевизија - А1. Таа набргу го урна приматот на Македонската радио телевизија и стана најголем и најгледан медиум се до нејзиното затворање во 2011 година.

Медиумскиот сектор беше слабо регулиран до донесувањето на првиот Закон за радиодифузија во 1997 година. Оваа законска празнина доведе до тоа некои медиуми, особено телевизиите, да бидат основани од луѓе кои веќе биле лидери или највисоки функционери на политички партии, но и  директори или сопственици на новоприватизирани компании.

Дури и сега, сопственици на најголемиот број највлијателни  радиодифузери, особено оние што емитуваат на национално ниво, се корпорации со силна политичка или бизнис позадина и со голем спектар на деловни интереси чија што примарна дејност не е медиумскиот бизнис.

Оттаму тие немаат никаква заддршка да ги користат медиумите како поддршка на нивните останати бизниси или како преговарачка алатка за добивање профитабилни тендери, притоа дизајнирајќи ја уредувачката политика за или против власта, во зависност од потребите.

Системскиот клиентелизам на медиумите првенствено е предизвикан од два фактори: од една страна поради лукративните интереси на сопствениците, а од друга, поради големиот број медиуми што се борат за опстанок на мал и сиромашен пазар. Овој феномен го достигна својот врв во 2008 година, во времето на коалициската влада на ВМРО ДПМНЕ и ДУИ на чело со тогашниот премиер Никола Груевски.

Преку плаќање за емитување јавни кампањи, популарно наречени „владини реклами“, власта на Груевски ги наградуваше оние кои нескриено вршеа пропаганда во интерес на владеачката партија. Состојбата ескалираше дотаму што самата Влада и владејачката партија ВМРО ДПМНЕ во периодот од 2008 до 2012 станаа најголеми огласувачи во медиумите.

Притисокот врз независните и критички медиуми, нивното насилно преземање и отпуштање на новинарите, апсењето на сопственикот на најгледната телевизија А1 и нејзиното затворање, поттикнаа консолидација на медиумската заедница која го артикулираше своето незадовоство со протести, штрајкови и јавни акции.

Поради тоа прашањето за корупција и притисок врз медиумите стана политичко прашање, па во 2015 со одлука на поранешниот премиер таканаречените „владини реклами“  формално беа забранети.

Во 2017 година година новата социјалдемократска влада дојде со ветувања за медиумски слободи и законски измени кои ќе ја забранат праксата за поткупување медиуми преку буџетски пари, а законските измени беа направени во 2018 година. Меѓутоа под притисок на самите медиуми, пред се на големите телевизии, сегашната власт повторно ќе ги врати јавните кампањи во медиумите.

  • Project by
    BIRN LOGO
  •  
    Global Media Registry
  •  
    Funded by European Union