Правна рамка

Уставот на Република Северна Македонија ја гарантира слободата на говорот, јавниот настап, јавното информирање и слободното основање на институции за јавно информирање (член 16).

Функционирањето на медиумската сцена во земјата пак е уредено со Законот за медиуми и со Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Двата закони се усвоени во 2013 година и со нив се утврдени основните начела на функционирањето на телевизиите, радијата и печатените медиуми.

Со Законот за медиуми, медиумите се дефинираат како средство за јавно информирање за дневно или периодично објавување на уреднички обликувани содржини во пишана форма, звук или слика, со цел да се информираат и да се задоволат културните, образовните и другите потреби на пошироката јавност. Во законот се гарантира нивната слобода, но и се определуваат нивните обврски да не известуваат на начин што ги нарушува човековите права, ја загрозува националната безбедност, заштита на малолетниците итн. Во него се определуваат и условите под кои физичките и правните лица може да основаат медиум, како и принципите на функционирањето на медиумите – транспарентноста, објавувањето импресум, правата и обврските на новинарите и на уредниците итн.

Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги пак попрецизно ги  регулира правата и обврските на електронските медиуми – телевизијата и радиото. Тука е вклучено доделувањето фреквенции и дозволи за локално, регионално или национално емитување програма, минималните кадровски и технички услови за регуларно функционирање на овие медиуми, но и соодносот на информативни, едукативни и рекреативни содржини во програмската шема.

Институцијата што ја има клучната улога во регулацијата на медиумскиот простор е Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ). Таа е независно тело чиј совет се избира од македонското собрание, а потоа советот го избира нејзиниот директор. АВМУ ги има следниве надлежности: одлучува за доделување, одземање или продолжување на дозволите за телевизиско или радио емитување, се грижи за заштита и развој на плурализмот на аудио и аудиовизуелните медиумски услуги, охрабрува и поддржува постоење на разновидни, независни и самостојни аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Исто така ја поттикнува слободата на изразување, се грижи за обезбедување јавност во работата на радиодифузерите но и за заштита на интересите на граѓаните во областа на аудио и  аудиовизуелните медиумски  услуги, спроведува мониторинг и презема мерки кога е извршена повреда на законските одредби, поттикнува медиумска писменост и слично.

Македонската радио телевизија како јавен сервис е формирана со Закон за основање јавно претпријатие Македонска радио телевизија во 1998 година, со кој се уредија начинот и принципите на функционирање на телевизиските и радиоканалите на јавниот сервис, неговата структура и начинот на избор и функционирање на неговите раководни тела. Овој закон веќе не е во сила бидејќи одредбите од него се пренесоа во подоцнежните закони, вклучително и во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, со кој сега се регулира работењето на јавниот сервис. Независноста на Македонската радио телевизија од извршната власт се обезбедува така што членовите на нејзините највисоки тела – Управниот одбор и Програмскиот совет, се избираат на конкурс што го распишува Собранието, а Владата нема учество во процесот. Програмскиот совет ги избира директорот и заменик-директорот на МРТ.

Со Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги се забранува тајно содружништво кај радиодифузерите. Притоа странски физички и правни лица можат да бидат основачи на радиодифузери под еднакви услови како и домашните лица (со исклучок на странските лица што се регистрирани во земји во кои согласно нивните прописи не е дозволено или не е можно да се утврди потеклото на основачкиот капитал). Политички партии, државни органи, органи на државната управа, јавни претпријатија, единици на локална самоуправа, носители на јавни функции и членовите на нивните семејства не смеат да вршат радиодифузна дејност и да се јавуваат како основачи на радиодифузери.

Одредбите за медиумска концентрација во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги се однесуваат на радиодифузерите – телевизиите и радиостаниците, независно од техничкото средство за пренос на сигналот. Сите рестрикции подеднакво важат и за радиостаниците и за терестријалните телевизии, сателитските телевизии и за оние што се емитуваат преку неограничен ресурс (кабел, IPTV). Практично, сите ограничувања се однесуваат на уделите во сопственоста.

Комерцијалните радио или телевизија не смеат да бидат поврзани, било преку директна или индиректна сопственост, со компании кои ги вршат следните дејности: рекламирање и маркетинг, дистрибуција на аудиовизуелни дела, филмска продукција, истражување на пазарот и јавното мислење и пренос на радио/телевизиски програми преку електронски комуникациски мрежи.

Ограничувањата за медиумска концентрација што се утврдени за сопствениците на медиумите важат и за лицата поврзани со нив, вклучително и за членовите на нивните семејства. Посредно се опфатени и печатените медиуми и новинските агенции поради забраната за интеграција на капиталот меѓу радиодифузер и друштво што поседува печатен медиум или новинска агенција.

Дигиталните медиуми, поконкретно домашните онлајн портали кои објавуваат информативни или други содржини не се предмет на регулација ниту на Законот за медиуми, ниту на Законот за аудио и аудиовизуелните медиумски услуги.

Државното рекламирање во аудиовизуелните медиуми не е дозволено. Членот 102 им забранува на државните органи, органите на државната управа, јавните претпријатија, единиците на локалната самоуправа, јавните установи, како и правните лица со јавни овластувања и трговските друштва во целосна државна сопственост да не издвојуваат средства за приватните радиодифузери заради информирање на јавноста за нивните услуги или активности.

Што се однесува до печатените медиуми, Владата носи програма за нивна поддршка, со која се покриваат од 50 до 70 отсто од трошоците за печатење и за дистрибуција на дневните и на неделните весници. Во изминативе пет години, врз основа на оваа програма се одвојуваат од 300 до 700 илјади евра. Оваа поддршка не е регулирана со закон поврзан со медиумската сфера, туку програмата се носи врз основа на Законот за извршување на буџетот.

Од септември 2022 година, со поддршка на група експерти ангажирани од Европската комисија, Министерството за информатичко општество и јавна администрација започна процес на измени на медиумската легислатива во земјава со цел да се транспонираат регулативите и препораките на ЕУ и на Советот на Европа. Првата фаза на овој процес се состоеше во усогласување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги со Директивата за аудиовизуелни медиумски услуги на Европската комисија од 2018 година, како услов за учество на земјата во програмата Креативна Европа. Втората фаза на реформите на легислативата, која се очекува да заврши до крајот на 2023 година, опфаќа и низа други прашања, вклучително и одредбите за медиумска концентрација за кои веќе подолго време се констатира дека се застарени и несоодветни за дигиталното опкружување во кое денес работат медиумите.

  • Project by
    BIRN LOGO
  •  
    Global Media Registry
  •  
    Funded by European Union