Следење на медиумите

Главниот извор на вести од сферата на политиката се телевизиите, покажува последната анкета на Меѓународниот републикански институт - ИРИ од 2023 година.

На анкетата, на која биле дозволени повеќе одговори, 73% од испитаниците се изјасниле дека примарно се информираат преку малите екрани. Анкетата забележува пад на овој тренд бидејќи во 2020 година на пример, 80% од испитаниците рекле дека политичките вести ги добиваат преку телевизија.

Овие бројки се разбирливи со оглед на тоа што од вкупно 600.000 домаќинства во земјата според Државниот завод за статистика, дури 96,3% поседуваат телевизор.

Втор најчест извор на вести, според анкетата на ИРИ, е интернетот.

Од сите испитаници, 38% одговориле дека се информираат преку интернет или интернет портали. Меѓу другото, тоа што интернетот се повеќе станува доминантен извор на информирање се должи и на тоа што, според последните податоци од Државниот завод за статистика за 2022 година, 88,6% од домаќинствата имаат интернет пристап, две третини од домаќинствата (69,1%) поседуваат персонален компјутер или лаптоп, а дури 87,8 проценти имаат мобилен телефон.

Сличен тренд покажува и анкетата на Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) од 2023, според која 98 проценти од испитаниците поседуваат паметен телефон на којшто може да ги следат информативните портали и веб-изданијата на традиционалните медиуми. Истото истражување на АЕК открива дека дури 92 проценти од испитаниците користат интернет на нивниот паметен телефон.

Многу мал број од испитаниците се изјасниле дека се информираат од весници и од радио, пет односно само три проценти. Во Северна Македонија постојат четири дневни весници од кои три на македонски и два на албански јазик. Нивните тиражи со години се во пад, а весник со најголем тираж е Слободен печат којшто дневно се печати во околу 7.000 примероци.

Покрај Македонското радиото кое е дел од јавниот сервис, на државно ниво зрачат уште четири радија што емитуваат и информативна програма.

  • Project by
    BIRN LOGO
  •  
    Global Media Registry
  •  
    Funded by European Union