Медиуми

Во Северна Македонија, земја со нешто повеќе од 1,8 милиони жители, егзистираат 43 телевизиски станици, 64 радија и 23 печатени медиуми, покажуваат последните податоци од државниот медиумски регулатор, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, објавени во септември годинава.

Бројот на информативни портали не може точно да се утврди, бидејќи тие законски не се регулирани и не се водат во посебен регистар. Сепак некаква претстава за нив може да се добие ако се избројат сајтовите што пред секои избори се регистрираат во Државната изборна комисија (ДИК), како услов за тие да можат да објавуваат реклами од политичките партии.

За локалните избори во 2021 година, во ДИК се регистрирале 191 онлајн медиум.  За овие избори, државата издвои 5,1 милиони евра за емитување реклами од страна на политичките партии на сите медиуми. 

Кога се работи за телевизите, во земјава има петнаесетина телевизиски канали кои може да се следат на цела територија на државата. Во нив спаѓаат оние од националниот сервис МРТ, петте најголеми приватни телевизии кои емитуваат програма преку оператор на дигитален терестријален мултиплекс, како и четири помали приватни телевизии што емитуваат национално преку кабел и две преку сателит. 

Самиот јавен сервис пак има пет телевизиски програмски сервиси, два сателитски и еден Собраниски канал кој во живо ги пренесува парламентарните седници или комисиски расправи. Еден од програмските сервиси на МРТ е на албански јазик, а друг е на јазиците на помалите етнички заедници како што се турската, српската, влашката, босанската и ромската. Собранискиот канал е дуален, па може паралелно да се следи и на македонски и на албански јазик.

Во рамките на јавниот сервис има и три радио сервиса, два на македонски и еден што емитува програма на јазиците на другите етнички заедници.

Според последните податоци од АВМУ, 86 отсто од гледачите гледаат телевизија преку претплата на еден од двата најголеми телекомуникациски оператори или преку кабелски оператори. На останатите 14 отсто телевизијата им е достапна преку обична антена или сателит. Во земјата работат вкупно 32 оператори што реемитуваат телевизиски програмски пакети, преку кабел, IPTV или DVB-S систем.

Медиумската информативна агенција (МИА) е единствената новинска агенција во земјата. Таа е во државна сопственост и објавува вести на македонски, албански и англиски јазик.

Постојат шест дневни весници, пет неделници и 12 списанија што излегуваат на две недели или на подолг период. Два од дневните весници се издаваат на албански јазик, а останатите се на македонски. „Слободен печат“ е весникот со најголем тираж, кој обично се движи меѓу 5.000 и 7.000 примероци. Соодветно на најголемиот тираж, овој печатен медиум има добиено и најмногу државни субвенции наменети за трошоци за печатење и дистрибуција на весници - 690.000 евра.

Од 2018 година, кога е воведена државната поддршка за весниците, Владата исплатила вкупно 2,7 милиони евра субвенции за весниците.

Последното истражување на Меѓународниот републикански институт - ИРИ од 2023 година покажа дека половината од македонските граѓани делумно или целосно немаат доверба во медиумите. Преку 40 проценти до некаде им веруваат, додека само седум проценти од граѓаните имаат целосна доверба во медиумите.

Според истата анкета, која дозволувала повеќе одговори, најголем дел од граѓаните сè уште вестите од политиката ги добиваат од телевизија, 73 проценти, што е за речиси десет проценти поени помалку од пред две години, кога 82 отсто од граѓаните се информираа најчесто преку малите екрани. Порталите се на второто место со 38 проценти, додека печатот и радиото се на 5 односно на 3 проценти. 

Медиуми
  • Project by
    BIRN LOGO
  •  
    Global Media Registry
  •  
    Funded by European Union