Вечер мк

Порталот Вечер мк почна со работа во 2004 година како онлајн-издание на дневниот весник Вечер. Весникот и порталот функционираа како еден медиум се` до 2017 година, кога уредничката Ивона Талевска со помала екипа новинари се одвои во посебен медиум, а весникот мораше да регистрира сајт со друг домејн. Според најстарите достапни податоци, порталот Вечер мк и неговиот претходник Вечер ком мк не биле регистрирани од компанијата што го издаваше весникот, туку од фирмата Максмедиа, во сопственост на поранешниот уредник Драган Павловиќ Латас. Тоа и` овозможило на Талевска да го раздвои печатеното и електронското издание и да продолжи да го менаџира порталот независно од весникот. Оттогаш компаниите што ги издаваат весникот и порталот се во тивка институционална и судска битка за брендот Вечер. Во својот импресум порталот пишува дека е дел од групацијата Медианет, заедно со порталите Весник ком и Вести мк.

Клучни податоци

Удел во гледаност

Нема податоци

Вид на сопствеништво

Приватен

Географска покриеност

Национална

Вид на содржина

Бесплатна содржина

Медиумски компании/Групи

МЕДИАНЕТ

Сопствеништво

Сопственичка структура

Порталот Вечер мк е во целосна сопственост на компанијата Медианет, чиј сопственик е Јаков Павловиќ Латас.

Индивидуален сопственик

Медиумски компании/Групи
Факти

Општи податоци

Година на основање

2004

Поврзани интереси на основачот

Петар Рибарски

е долгогодишен маркетинг менаџер. Тој ја почнал кариерата во 1990-тите години во маркетинг агенцијата Идеа Плус ДДБ. Кога оваа агенција во 2004 година го презеде весникот Вечер и ја основаше издавачката компанија Вечер прес тој станува нејзин директор. Во таа година весникот регистрира свој интернет портал кој подоцна ја менува сопственоста и станува независен медиум одвоен од весникот. Рибарски заминува од Вечер прес во 2006 година. Денес е менаџер во меѓународна компанија.

Поврзани интереси на извршниот директор

Јаков Павловиќ Латас

е млад македонски бизнисмен што работи во областа на маркетингот и медиумите. За него има малку информации во јавноста и единствено е познат како син на новинарот Драган Павловиќ Латас, од кого ги презеде двете компании што ги раководи – Медианет и Максмедиа.

Поврзани интереси на главниот уредник

Ивона Талевска

е познато лице на македонската медиумска сцена. Во новинарството е активна уште од 1995 година, а најмногу е препознатлива по нејзината улога како новинарка, а потоа и уредничка во телевизијата Сител. За време на владеењето на партијата ВМРО-ДПМНЕ и на премиерот Никола Груевски (2006-2017), период познат по големото назадување на медиумските слободи во земјата, Талевска му беше десна рака на Драган Павловиќ Латас, тогашниот главен уредник на информативната програма на ТВ Сител.
Под нивно водство телевизијата стана најгледана во земјата, но и најсилен медиумски поддржувач на владата. Оваа уредувачка политика се преслика и во весникот Вечер и на порталот Вечер мк, откако уредничката двојка Латас – Талевска беше поставена да ги води тие медиуми. Талевска веќе не е активна во Сител. Беше главна уредничка на весникот Вечер од 2012 до 2017 година, кога излезе од весникот и го одвои порталот Вечер мк од матичниот медиум и продолжи да го уредува како посебно онлајн издание.

Поврзани интереси на други важни лица

Драган Павловиќ Латас

татко на директорот на Вечер мк, Јаков Павловиќ Латас. Тој е искусен и контроверзен македонски новинар , уредник на телевизијата Сител од 1997 до 2017 и на весникот Вечер од 2006 до 2012 година. Во јавноста е познат по остриот јазик и по контроверзните врски со политички елити, за чија поддршка ги користеше и медиумите што ги управуваше. Оваа негова улога особено дојде до израз за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ и на премиерот Никола Груевски (2006-2017) кога телевизијата Сител и весникот Вечер остро се пресметуваа со политичките неистомисленици на власта. Латас e oсновач и сопственик е на повеќе компании за медиуми и маркетинг, како Медиамакс, Тотал Медиа Центар, Максмедија и Медианет. Дел од нив ги отстапи на својот син Јаков.

Контакт

e-mail: home@vecer.mk

Финансиски информации

Приходи

21.672 $ /1.27 мил. МКД

Оперативен профит (во мил. $)

172 $ /10.094 МКД

Реклами (во % од вкупното финансирање)

Нема податоци

Удел на пазарот

Нема податоци

Дополнителни информации

Мета податоци

Сопственичката структура и финансиските извештаи се базираат на податоците од македонскиот Централен регистар. Документите се добиени врз основа на владината одлука од 2017 година за бесплатен пристап за истражувачки новинари на 18. 07.2023. Финансиските информации се за 2022 година. За пресметка на сумите во американски долари e користен средниот девизен курс за 2022 година од Народната банка на РСМ.

  • Project by
    BIRN LOGO
  •  
    Global Media Registry
  •  
    Funded by European Union