Печатени медиуми
Нова Македонија и Вечер на македонски јазик, како и Флака е Влазеримит на албански, беа трите дневни весници кои за време на социјализмот излегуваа во Македонија. Како прв дневен весник на македонски јазик се појавува Нова Македонија, инаку основана со одлука на заседание на АСНОМ во 1944 година. Една година подоцна почнува да излегува и Флака е Влазеримит, а во 1963 година и весникот Вечер. Сите три весници беа по капата на државното Новинско издавачко претпријатие Нова Македонија, кое издаваше и други специјализирани неделници и месечници.
Првиот независен дневен весник Република почна да излегува во 1991 година, но на пазарот опстојуваше околу една година. Монополот на државните весници се урна кога се појави дневниот весник Дневник, основан од неколку новинари. Почна да излегува во 1996 година и имаше рекордни тиражи, но престана да се печати во 2017 година поради финансиски проблеми на Медиа Принт Македонија, групација која беше негов издавач. Заедно со него во истата групација беа и Утрински весник и Вест, своевремено популарни медиуми, кои исто така престанаа да се печатат.
Сега во земјата се регистрирани вкупно 21 печатен медиум, од кои четири дневни весници- Нова Македонија, Вечер и Слободен печат на македонски јазик и Коха на албански јазик.
Во базата Мониторинг на медиумското сопствеништво во Северна Македонија се наоѓаат податоците за шест печатени медиуми - четири дневни весници и еден неделник – Фокус, кои се дел од Регистарот на издавачи на печатени медиуми на Агенцијата за медиуми.
При овој избор беа земени предвид три критериуми: весниците да имаат информативна содржина, да излегуваат редовно и да се дистрибуираат на национално ниво.