Микро-редакции и човек-медиуми

Македонската медиумска публика сè повеќе се сели на интернет-просторот, но ресурсите, парите и персоналот и натаму остануваат во традиционалните медиуми, пред сè во големите телевизиски куќи со национална концесија.

Истражување на Евростат, спроведено во 2021 година, покажa дека 72% од граѓаните во Северна Македонија се информираат од онлајн-медиуми. Анкетата Еврометар на македонскиот политички тинк-тенк, Евротинк од октомври 2023 година, пак, покажа дека повеќе од 56% го користат интернетот како извор за политички вести.

Во 2016 година околу 30% испитаници рекле дека прв извор за политички вести им е интернетот, а во 2022 и во 2023 година тој процент се движи околу 40, иако постојат истражувања каде тој процент достигнува и до речиси 50 %. Истовремено, влијанието на телевизиите како примарен извор на информации падна од речиси 90 на одвај 70% во истиот период, додека процентите на радијата и на весниците се во рамките на статистичка грешка.

Овие податоци се надоврзуваат на анкетите на Интернационалниот републикански институт (ИРИ), кои исто така покажаа дека влијанието на интернетот во информирањето на нашите граѓаните за општите и за политички случувања постојано расте и дека онлајн-содржините стануваат не само еден од изворите, туку и главен извор на информации.

Од друга страна, финансиските податоци за 2021 и 2022 година илустрираат дека растот на влијанието на онлајн-медиумите не резултира со зголемување на нивните финансиски капацитети. Кога се во прашање парите, медиумскиот бизнис и натаму се врти главно околу телевизиите и делумно во весниците.

Вкупните приходи на 13-те највлијателни интернет портали во земјава за 2021 година одвај надминале 1,9 милиони долари, а за 2022 година не стигнале ниту до 1,7 милиони долари. Колку за споредба, националните телевизии со најслаби финансиски резултати оствариле приходи по околу 2,2 милиони долари, а најуспешната над 7 милиони долари. Најтиражниот весник заработил околу 1,6 милиони долари во 2022 година, речиси колку сите овие портали заедно.

Проценка направена по добиени податоци од најголемите рекламни агенции во земјава, кои што располагаат со повеќе од 90 отсто од огласувачките буџети, покажува дека до 60 отсто од парите за рекламирање завршуваат во телевизиите, 20 отсто на интернет-порталите, 15 отсто на надворешни реклами, а останатите пет отсто се распределуваат меѓу весниците и радијата.

Оваа анализа на пазарот е објавена во 2020 година како дел од студија на институтот РЕСИС, македонски тинк-тенк за општествени истражувања, во која се истражува за влијанието на новите медиуми врз јавното мислење.

Изборното рекламирање лакмус за онлајн-медиумскиот пазар

Колкав е обемот на интернет-информативниот бизнис во земјава е тешко да се процени прецизно, бидејќи не постојат регистри или бази каде што е заведен секој интернет портал што објавува вести. Ретка можност да се добие поширока слика за оваа сцена даваат изборите, кога онлајн-медиумите се пријавуваат во Државната изборна комисија за да добијат право да објавуваат предизборни реклами и да добијат пари од државниот буџет за тоа.

Искуствата од претходните два изборни циклуси покажуваат дека на овие повици се пријавувале меѓу 175 и 235 портали, но ниту половина од нив не биле стандардни информативни онлајн-медиуми. Има голем број медиуми без објавен импресум, дури и со непознато сопствеништво, потоа има и специјализирани портали, агрегатори на вести, дури и веб-страници на фирми за хостинг и на бизнис-каталози.

Изборите го откриваат и трендот на „мини групации“, во кои едно лице или компанија отвора повеќе интернет-портали за да може да заработи повеќе пари од изборите, бидејќи законскиот лимит е 15 илјади евра (15.800 долари) по медиум, па со повеќе интернет-адреси изборната заработка може да порасне двојно или тројно.

Иако податоците се нецелосни и сиромашни, сепак, и од нив може да се види дисперзијата на ресурсите во онлајн-просторот, наспроти нивната концентрација во традиционалните медиуми.

Онлајн-редакции без новинари

Друг показател на раситнетоста на медиумската сцена на интернет се податоците за бројот на вработени во овие медиуми. Официјалните податоци за компаниите што ги издаваат трите највлијателни портали, со најголем број следбеници на социјлните мрежи, покажуваат дека тие немаат ниту еден пријавен вработен. Во повеќето други бројката на вработени е меѓу еден и три.

Редок исклучок се редакциите на порталите Курир и Република, каде што во 2019 година влезе унгарски капитал, кои што имаат 17, односно 19 вработени, односно во нив функционираат мали редакции. Но, и тоа си има своја цена. Компаниите што ги раководат овие портали бележат значителни финансиски загуби.

Сè на сè, онлајн-информативната сцена се сведува на микроредакции или на човек-медиуми. Дури и најголемите портали ги немаат потребни ресусрси за производство на поквалитетни медиумски содржини и се сведени на едноставно агенциско информирање и пренесување соопштенија.

На вака поставената онлајн-сцена лесно се инфилтрираат опортунисти и политички мотивирани поединци, кои, вооружени со скудни ресурси и моќна агенда, влијаат врз јавното мислење преку каналите на пропагандата користејќи супстандардното новинарство.

Постојаното зголемување на бројот на портали ја влошува ситуацијата. Изобилството на медиуми наместо да поттикнува разновиден спектар на гласови парадоксално резултира со какафонија на хомогенизирани вести. Запрепастувачки е колку недостасува оригинално известување, впрочем овие медиуми, ограничени со ресурсите, влегуваат во замката да препишуваат вести едни од други.

Ова не е само закана за новинарскиот интегритет, туку претставува и значителен ризик за демократскиот идеал за информираната јавност.

  • Project by
    BIRN LOGO
  •  
    Global Media Registry
  •  
    Funded by European Union