Горан Ивановски
Горан Ивановски е син на Љубисав Иванов - Ѕинго, поранешен бизнисмен, политичар и долгогодишен пратеник во македонското собрание. Преку фирмата „Монтеко“, Ивановски ја презеде телевизијата од својот татко во 2003 година, а до 2017 беше и управител на медиумот. Под водство на Ивановски Сител од 2006 до 2017 година беше еден од главните медиумски сојузници на владата на поранешниот премиер Никола Груевски. Меѓу 2010 и 2017 телевизијата инкасираше најмногу пари од извршната власт на име на владини реклами - 10,2 милиони евра.
Во прислушуваните телефонски разговори, кои тогашниот лидер на опозицијата Зоран Заев ги објавуваше во 2015 година, се слушна разговор на Горан Ивановски со министер со кој се договараат за местење тендери.
Ивановски е најголем поединечен акционер на АД „Силекс“ со 36,66 отсто од акциите, а по него во акционерската книга следува неговата сестра Розета Димитровска со 27,19 отсто од акциите. Преку акционерското друштво „Силекс“ Ивановски и неговата сестра се јавуваат како сопственици на повеќе компании што се занимаваат со различни дејности.
АД „Силекс“ е покровител на истоимениот фудбалски тим од Кратово, кој трипати беше прв во македонската Прва фудбалска лига, во перидот меѓу 1993 и 1999 година додека таткото на Ивановски, Љубисав Иванов - Ѕинго беше претседател на фудбалската федерација.
Бизнис
Радиодифузна дејност
ТВ СИТЕЛ (Македонија)
Угостителство
АД Силекс (Силекс хотел)
АД Силекс (Кратис)
Хотел Силекс
Рударство
АД Силекс
Силекс рударство
Текстилна индустрија
Силтекст СТ
Транспорт и шпедиција
Силтранс
Хемиска индустрија
Силпен СТ
Производство на пијалаци
Магрони
Трговија со козметика и медицински препарати
Херба медика
Прoизводство на вино
Кастелман
Семејство и пријатели
Поврзани интереси на членовите на семејството и пријателите
Таткото на сегашниот сопственик на ТВ Сител, беше еден од истакнатите македонски бизнисмени кои ја изградија својата бизнис-империја врз темелите на фирмата во општествена сопственост со која раководеа во моментот кога Северна Македонија стана независна држава по 1991 година. Истовремено, тој беше пратеник во македонскиот парламент во сите негови состави од независноста до 2011 година и беше претседател на Социјалистичката партија на Македонија од 1996 година до неговата смрт во 2020 година.
Сопругата на Горан Ивановски e сопственичка на винаријата „Кастелман“ и веледрогеријата „Херба плус“, која се занимава со медицинска козметика, додатоци во исхраната и органски чаеви.
Сестрата на Горан, со која тој заеднички поседува неколку фирми. Имаат два хотела, еден во Охрид - хотелот Силекс и еден во Кратово - Кратис. Тие ја поседуваат и текстилната фабрика „Силтекс СТ“, транспортната и шпедиција „Силтранс“, во Кратово го поседуваат единственото приватно комунално претпријатие во земјава „Силком“, се занимаваат со вадење камен преку рударската компанија „Силекс“, имаат фабрика за преработка на пластични маси и хемикалии „Силпен СТ“ и компанија која се занимава со земјоделство и е регистрирана кланица - „Земсил“. Братот и сестрата Ивановски и Димитровска ги поседуваат познатите брендови на минерална вода - Ладна и Добра вода преку фирмата „Магрони“.
Дополнителни информации
Мета податоци
Сопственичката структура и финансиските извештаи се од македонскиот Централен регистар. Документите се добиени врз основа на владината одлука од 2017 година за бесплатен пристап за истражувачки новинари на 03.07.2023. Финансиските информации се за 2022 година. За пресметка на сумите во американски долари e користен средниот девизен курс за 2022 година од Народната банка на РСМ.
