Економија
Со популација од само 1,8 милиони жители, Северна Македонија има мала отворена пазарна економија, која е зависна од увоз.
По стекнувањето независност од поранешна Југославија, во 1991, земјата излезе како една од најсиромашните републики со енормна инфлација.
Влијание за тоа имаа распадот на заедничкиот југословенски пазар и војните во регионот, како и едно и пол годишното грчко трговско ембарго. Процесот на приватизација на фирмите со државен капитал исто така имаше големо влијание врз социо-економската состојба на државата. Беа продадени акции и удели во голем број компании, а според oдредени економски пресметки, државата инкасирала едвај 20% од вредноста на компаниите.
По постепеното стабилизирање на економијата, повторно следуваше период на дестабилизација поради војната во соседното Косово од 1999 година и меѓуетничкиот конфликт од 2001 година. Извозот, приватната потрошувачка и странските директни инвестиции беа главните двигатели на растот на економијата. Во 1992 година е воведен денарот како официјална валута. За стабилноста на домашната валута се грижи Народната банка.
Долго време стапката на невработеност беше многу висока. Во одредени периоди надминуваше и 30%, а денеска е се движи околу 14% и бележи тренд на постепено благо опаѓање.
Податоците на Министерството за финансии покажуваат дека заклучно со 30 септември 2023 година, државниот долг е 48,2% од бруто-домашниот производ БДП, а јавниот долг е 55,8% од БДП.
Според индексот на Светска банка, бруто-домашниот производ по глава на жител во 2022 бил 6.591 долари, додека најголемо учество во неговата структура имаат следните сектори: градежништвото, трговија на големо и мало, поправка на моторни возила и мотоцикли, транспорт и складирање, како и објекти за сместување и сервисни дејности со храна.
Инфлацијата на годишна основа за третиот квартал од 2023 година изнесуваше 6,6%.
Џини-индексот на мерење на нееднаквоста и класните разлики, за 2019 година покажа дека соодносот меѓу богатите и сиромашните во државата е 33,5%. За споредба, класните разлики биле нешто повисоки во 2018 година, кога процентот на нееднаквост изнесувал 34,2%.
Државно финансирање
Државата е еден од клучните финансиери на медиумскиот сектор. Во минатото беше најголемиот огласувач преку кампањите од јавен интерес преку Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Тоа многу влијаеше врз уредувачката политика, бидејќи рекламното време на приватните телевизии се купуваше со огромни суми пари. Со други зборови, со тоа се купуваше и наклонетоста на медиумите кон власта.
Според тој закон, забрането е финансирање со државни пари на реклами од јавен интерес. Но, забраната не постоеше отсекогаш. До 2019 година државата беше најмоќниот огласувач во приватните медиуми. Преку финансирање на кампањите од јавен интерес, во приватните телевизии и радија, со години власта предводена од десничарската ВМРО-ДПМНЕ исплаќаше милиони евра.
Од 2018 година преку интервенција во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, државата го забрани државното рекламирање на приватните телевизии и радија. Оттогаш државните институции и општините не смеат да трошат пари за информирање и за запознавање на јавноста со своите услуги и активности преку приватните радиодифузери, односно преку телевизиите и радијата. Но, и покрај овие забрани, државните и општинските власти повторно емитуваа кампањи од јавен интерес, но парите не ги добиваа директно медиумите, туку маркетинг-агенции, кои закупуваа рекламно време на телевизиите.
Владејачките СДСМ и ДУИ повторно предлагаат државно финансирање на приватните медиуми преку законски измени.
Главен финансиер на јавниот радиодифузен серивс МРТВ е државата. Според Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, државата издвојува 0,5 од вкупните годишни приходи за финансирање на медиумот
Власта од 2018 исплаќа финансиска помош на печатените медиуми со кои покрива дел од трошоците за печатење на весниците. Ова произлезе од препораките од експертската група предводена од Рајнхард Прибе, која во 2015 правеше скенирање на состјобите во македонското општество. Според заклучоците на работната група, овие медиуми се неодржливи без поддршка од државата. Помошта од година во година се намалува.
Освен тоа сите државни институции или општини при распишување огласи, објавите мора да ги огласат во два дневни весника.
Забележлив е континуираниот тренд на намалување на тиражите на дневните весници во споредба со минатото и префрлање на публиката онлајн.
На радиодифузерите за време на пандемијата со коронавирусот државата им обезбеди финансиска помош, која вклучуваше и средства за покривање на трошокот за пренос на сигналот и финансиска поддршка за покривање на трошокот за надоместок за дозволата за емитување (во 2021 година во целост, а во 2022 година во висина од 50% од вкупниот износ).
Значајни средства медиумите добиваат за време на изборните кампањи oд изборната пропаганда на полиитчките партии.
Вкупните приходи во ТВ и радио индустријата од реклами во 2022 изнесувале 19,8 милиони евра без платено политичко рекламирање.
Најголемите играчи на медиумскиот радиодифузен пазар се сопствениците на петте национални телевизии, кои имаат најголеми приходи од рекламирање. На ниту еден од нив медиумскиот не му е примарен, туку дополнителен бизнис.
Во Македонија нема официјална статистика за тоа кои се најголемите огласувачи во медиумскиот пазар. Порано таква статистика водеше Агенцијата за медиуми. Денес јавно достапни податоци се само за приходите кои медиумите ги остваруваат од рекламирање. Според рекламите кои се емитуваат на националните телевизии и радија, најголеми огласувачи на пазарот се автомобилските компании, телекомуникациските оператори, банките, фармацевтските компании, индустријата за храна и пијалаци...
Во Северна Македонија околу 200 онлајн медиуми се пријавуваат секоја година за добивање средства од буџетот за политичките реклами за време на изборите. Таквиот мал медиумски пејзаж со огромен број портали им дава на огласувачите простор за релативно малку пари да си обезбедат поголема видливост на нивните пиар кампањи. Дел од таквите пиар објави воопшто не се означени дека се комерцијални текстови.
Извори
[Translate to Macedonian:]
Соопштение на Државен завод за статистика на РСМ. Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, 2021 - прв сет на податоци. (2022). Пристапено на: 20/09/2023.
Национална стратегија за економскиот развој на Република Македонија, развој и модернизација. МАНУ. (1997). Пристапено на: 20/09/2023.
Зошто имаме режим на стабилен девизен курс на денарот во однос на еврото? | Народна банка на РСМ. Пристапено на: 20/09/2023.
| Голема приватизација за мали пари. Утрински весник. (2006). Пристапено на: 20/09/2023
[Translate to Macedonian:] The labor market in the Republic of Macedonia and in the countries of the region. Westminster Foundation. (2018). Accessed in: 20/09/2023.
Состојба на долг. Министерство за финансии. (2023). Пристапено на: 20/08/2023.
Светска банка. Пристапено на: 20/09/2023.
Основни економски показатели и цени на недвижности. Народна банка на Република Северна Македонија. Пристапено на: 20/09/2023
Владини кампањи на чекор назад до медиумите. Призма.мк. (2021). Пристапено на: 20/09/2023.
| „Грујовизијата“ чинела 26 милиони евра. Призма. (2018). Пристапено на: 20/09/2023.
Државните реклами во медиумите на прва „лицитација“. Призма. (2023). Пристапено на: 20/09/2023