Општество

Последниот попис на населението спрoведен во 2021 година покажа дека во Северна Македонија живеат вкупно 1 836 713 луѓе.

Најголеми етнички групи се Македонците (58.44%) и Албанците (24.30%). Во однос на вероисповест пак, најмногу жители се декларирале како  православни христијани (46.14%) и муслимани (32.17%).

Охридскиот рамковен договор, потпишан во август 2001 година,  ги дефинира правата на етничките заедници врз основа на процентуална застапеност, што во услови на кревки меѓуетнички и политички односи беше причина за неспроведување на пописот речиси 20 години. Претходниот беше спроведен во 2002 година.

Покрај Македонци и Албанци, според податоците од последниот попис, во земјата живеат и: Турци (3.86%), Роми (2.53%), Власи (0.47%), Срби (1.30%) и Бошњаци (0.87%).

Официјални јазици се македонскиот на кој говорат 61.38% од населението и албанскиот, кој го говорат 24.34% од граѓаните.

Останати малцински јазици што се зборуваат во земјата се: турски (3.41%), ромски (1.73%), влашки (0.17%,), српски (0.61%) и босански јазик (0.85%).

Покрај најбројните рлигиски групи, православни христијани и муслимани, на пописот како католици се изјасниле 0.37% од граѓаните, а евидентирани во него, но без наведени  проценти на застапеност се и - евангелско протестантски христијани, агностици, будисти и други.

Пописот ги потврди претходните стравувања дека бројот на жителите во земјата е намален. Податоците прецизно покажаа дека споредено со пописот од 2002 година, бројот на жители се намалил за 185.834 лица или за 9,2%. Причините за тоа се намалената стапка на раѓања и големиот број иселувања најчесто поради економско- социјални причини.

Оние кои остануваат во државата, главно живеат во градовите, а не во селата. Доминантно е урбаното население со вкупно 1 131 356 жители (61.6%), додека во руралните средини живеат 705 357 жители (38.4 %).

Скопје, како главен град, е најголем во земјата и во него живее околу третина од вкупното население, односно 526 502 жители. По него следуваат Куманово, Битола и Тетово.

Скопскиот важи и за најгусто населен регион со 334,99 жители на километар квадратен и е единствен статистички регион, од вкупно осум во кој има раст на  бројот на жители, домаќинства и станови. На ниво на држава, густината на населеност изнесува 72.2 жители на км2.

Најретко населен регион е Вардарскиот (34,3 жители на км2). Други региони се: Полошкиот (104,1 жител на км2), Југозападниот (53,1 жител на км2), Југоисточниот (54,1 жител на км2), Источниот (42,47 жители на км2) и Пелагониски регион (44,6 жители на км2).

Стапката на неписменост изнесува 1.24%, што е намалување во однос на пописот од 2002 година, кога изнесувала 3,6%. Поголем број од неписмените се жени, 13 380, додека мажи се 5 517.

Најголем дел од населението е со средно образование, односно 44.1%.

Испитувањата пак кои ја третираат медиумската писменост речиси секогаш ги сместуваат македонските граѓани на дното на табелата.

Индексот за медиумска писменост за 2022 година, кој го подготвува Институтот отворено општество во рамките на Иницијативата за европски политики, ја позиционираше на претпоследното, 40 место. Зад Македонија е само Грузија.

Македонските граѓани немаат многу доверба во институциите. Според анкетата на Меѓународниот републикански институт ИРИ објавена во 2023 година, најмногу им веруваат на банките 11%, на локалната самоуправа 9%, и на образовните институции и медиуми со по 7%.

Во Глобалниот индекс за слобода на медиумите на меѓународната организација „Репортери без граници“, во 2022 година Северна Македонија забележа скок од 33 места и беше рангирана на 57. место од вкупно 180 земји. Во 2021 година, беше 90-та на листата.

Не е регистрирано убиство на новинар во земјата, но организацијата забележа дека „иако новинарите не работат во непријателско опкружување, раширените дезинформации и недостатокот на професионализам придонесуваат за опаѓање на довербата на општеството во медиумите, што ги изложува независните медиуми на закани и напади“.

Здружение на новинари на Македонија, пак, нотира дека во 2023 година имало четири онлајн или физички напади врз новинари, а минатата година седум. 

  • Project by
    BIRN LOGO
  •  
    Global Media Registry
  •  
    Funded by European Union