Политика

Северна Македонија е парламентарна демократија. Нејзиното Собрание го сочинуваат 120 пратеници што се избираат на секои четири години преку пропорционален модел со затворени листи. Има шест изборни единиции, кои се посебни територијални области, па од секоја од нив се бираат по 20 пратеници.

Мнозинството пратеници (најмалку 61), ги назначуваат претседателот на Владата и неговите министри, а мандатот, кој е повеќе од церемонијална природа, го доделува претседателот на државата. Мандатар е политичарот што има поддршка од најмалку 61 пратеник и тоа вообичаено е претседателот на партијата со најмногу освоени пратенички места, иако имало исклучоци.

Претседателот се бира на секои пет години на директни избори во два круга, доколку во првиот ниту еден од кандидатите не освои повеќе од половината гласови од граѓаните со право на глас. Во избирачкиот список регистрирани се околу 1,8 милиони гласачи.

Претседателот на државата воедно е и врховен командант на воените сили, а во принцип има мал број ограничени должности во сферата на дипломатијата. Има и контролна улога врз Собранието со тоа што го има правото да не потпише закон кој е изгласан од пратениците. Меѓутоа, при повторно изгласување на истиот законот, тој е обврзан да го потпише.

Владите секогаш се коалициски, составени од повеќе партии или партиски блокови. Непишано правило е вториот по големина владин коалициски партнер да е од редовите на албанските партии, пракса што се одржува од 1991 година до денес.

Одлуките во Собранието што ги засегаат и посебните етнички заедници се донесуваат со таканаречено Бадентерово мнозинство кое преставува мнозинство гласови од пратениците од етничките заедници, тие што не се Македонци.

Судиите и обвинителите ги избираат посебни совети, додека, пак, составите на советите се избираат на инклузивен начин што во теорија треба од една страна да го намали влијанието на актуелното политичко мнозинство во парламентот, а друга страна повеќе да ја вклучи фелата при изборот и при контрола на работата на судиите и обвинителите. Меѓутоа, политичките елити и при ваков модел пронаоѓаат начини да влијаат врз советите и со тоа индиректно врз судството и обвинителството.

Републичкиот јавен обвинител, пак, го бира Собранието по предлог на Владата.

Политичките власти константно се обидуваат да го контролираат наративот во медиумите, а често тоа и им успева преку суптилна корупција на најмоќните медиуми. Оваа пракса беше најизразена во периодот меѓу 2006 и 2017 година.

По сериозната политичка криза и промената на власта во 2017 година работите тргнаа во позитивна насока кога се во прашање медиумските слободи, меѓутоа партизацијата и клиентелизмот останаа како најголеми проблеми.

И Репортери без граници во наративниот извештај за Македонија од 2023 година констатира дека медиумите се уште можат да бидат подложни на притисок од страна на властите, политичарите и бизнисмените,

Оваа организација реагира и на силната политичка поларизација која се пресликува врз медиумите.

„Двете најголеми партии (на власт и во опозиција) создадоа паралелни медиумски системи врз кои вршат политичко и економско влијание“, велат од Репортери без граници.

Од друга страна и покрај силните ветувања пред политичките промени во 2017 година, сепак, не се случија кадровските и структурни промени во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и во Програмскиот совет на МРТ, со што останува впечатокот, што го дели и организацијата Репортери без граници, дека јавниот радиодифузен сервис нема уредувачка независност.

За Репортери без граници проблематично е тоа што јавниот сервис не е финансиски независен, бидејќи во 2017 се укина радио-дифузната такса и сега МРТ се финансира директно од буџетот што е под контрола на владата.

  • Project by
    BIRN LOGO
  •  
    Global Media Registry
  •  
    Funded by European Union