Технологија

Најголеми технолошки компании во земјата се телекомуникациските компании Македонски телеком и А1 Македонија. Двете се во целосна или мнозинска странска сопственост.

Македонски телеком е наследник на поранешната државна компанија ПТТ Македонија (пошта, телеграф, телефон), која по поделбата во 1996 година се преименува во Македонски телекомуникации.

Во 2001 година мнозинскиот удел беше продаден на унгарската телекомуникациска компанија Матав, која веќе беше во сопственост на германската Дојче Телеком. Оваа корпорација и денес е краен сопственик на мнозинскиот пакет акции, а Македонски телеком работи под познатиот бренд Т на Дојче Телеком. Една третина од акциите и натаму се во државна сопственост, со што Владата има право да именува членови во Бордот на директори.

Поради високите плати, овие позиции важат за едни од најатрактивните именувања за кои се пазарат политичките партии во владината коалиција. Во моментов членови на Управниот одбор на Македонски Телеком назначени од Владата се Игор Милев и Нина Ангеловска од партијата СДСМ и Садула Дураки, Аќиф Мехдиу, Бардул Насуфи и Шкодране Дарлишта од ДУИ.

Од друга страна, А1 Македонија е во целосна сопственост на Телеком Австрија. Иако неколку пати ја има менувано сопственоста, секогаш била во странски раце. Почетоците и се во 2003 кога беше формирана под брендот Космофон, како втор мобилен оператор во земјата, во сопственост на грчкиот Космоте. Потоа ја презеде Телеком Словенија и ја ребрендираше во Уан. Од 2007 година Телеком Австрија отвора свој мобилен оператор во земјава под брендот ВИП, а од 2015 со спојувањето на Уан и ВИП се создава А1 Македонија. Државата никогаш немала удел во оваа компанија или во нејзините претходнички.

Податоците од анализата на пазарот на Агенцијата за електронски комуникации ја отсликуваат доминацијата на овие две компании. Тие зафаќаат 93 отсто од пазарот на фиксната телефонија, 96 отсто од мобилната телефонија, 96 отсто во мобилниот интернет, 75 отсто од обезбедувањето фиксен интернет и 63 отсто од преносот на радио и телевизиски сервиси.

Од повеќе од 80 компании што нудат една или повеќе од овие услуги, според податоците на АЕК, единствено компанијата Роби (позната како Телекабел) им е посериозна конкуренција на двете големи телекомуникациски компании, зафаќајќи 12 отсто од пазарот со фиксен интернет и 19 отсто од пазарот на телевизиски и радио сервиси. Сите останати имаат мали и безначајни удели на пазарот.

Телекомуникациските компании се регулирани од Агенцијата за електронски комуникации и работат според Законот за електронски комуникации. Вообичаено нема несогласувања меѓу нив и државните институции. Досега немало познати случаи на масовна злоупотреба на податоците на корисниците. Сепак, никогаш не се истражуваше нивната улога во скандалот со масовното нелегално прислушување телефонски разговори што го вршела тајната полиција од 2008 до 2015 година, односно остана неразјаснето дали тие знаеле и дали имале некакво учество во овие тајни операции.

Работата на најголемите технолошки компании ретко е предмет на критичка опсервација на медиумите. Тие се меѓу најголемите рекламери во медиумскиот пазар, па и известувањето за нив често се сведува на пренесување на нивните промотивни соопштенија или известувања за нивни донаторски, еколошки и други акции.

Во 2019 и 2020 година дојде до конфликт меѓу операторите што нудат радио и телевизиски сервиси, вклучувајќи ги и телекомуникациските компании, и телевизиите со национална концесија. Судирот настана поради измените во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Телевизиите бараа операторите да бидат законски обврзани да ја реемитуваат нивната програма и да им плаќаат надомест, што не беше прифатливо за операторите. Во знак на протест, тие го исклучуваа сигналот на домашните канали по еден час.

Инаку, во Северна Македонија има вкупно 438.586 фиксни линии, од кои 384.461 се домашни, а 54.125 на бизнис корисници. Бројот на активни претплатници во мобилната телефонија изнесува 1.932.871, што значи дека во просек има по повеќе од еден мобилен телефонски број по жител. Од нив, 944.394 се приватни пост-пејд броеви, 739.078 се приватни припејд броеви, а 249.399 се деловни пост-пејд броеви. Мобилен интернет користат 1.458.377 претплатници или 75 отсто од граѓаните што имаат мобилен телефон.

Податоците на АЕК покажуваат дека вкупните приходи на пазарот на електронски комуникации за 2021 година (последни достапни податоци) изнесувале 19.140.511.000 денари или 326.630.437 долари.

Ако се соберат вкупните приходи на двете најголеми телекомуникациски компании за таа година според декларираните годишни сметки, се добива поголема сума, односно 21.091.251.595 денари или 359.919.583 долари (Македонски Телеком АД имала приход од 11.826.937.787денари/201.825.221 долари, А1 Македонија имала приход од 9.264.313.808 денари/158.094.362 долари). Причината за оваа разлика е што операторите вршат и други услуги, како продажба на електронски уреди (телефони, телевизори, компјутери), најчесто како дел од пакети за корисниците. Нема јавно достапни податоци колкав дел од нивните приходи се од телекомуникациски, а колкави од други услуги, па според тоа не може да се пресмета нивниот вкупен удел на пазарот. 

Профитот на Македонски Телеком АД изнесувал 1.667.793.739 денари/28.460.692 долари, а на А1 Македонија 832.703.997 денари/14.209.990 долари. 

Анализата на Кепиос покажува дека 1,2 милиони луѓе во Северна Македонија користат социјални мрежи. Најголем број корисници има Фејсбук – 914 илјади, а по неа е уште еден производ на Мета, Инстаграм со 711 илјади. Линкдин има 320 илјади членови во земјата, а Твитер 131 илјада членови.

  • Project by
    BIRN LOGO
  •  
    Global Media Registry
  •  
    Funded by European Union