Радио
Македонското радио со децении беше главен и најбрз извор на информации за македонските граѓани. Формирано во 1944 година, со одлука на Првото заседание на АСНОМ, радиото беше единствен електронски медиум во земјата се до 1964 година, кога со работа започна Македонската телевизија.
Но, за разлика од минатиот милениум, последниве години во испитувањата на јавното мислење, радиото како медиум воопшто не се споменува меѓу најважните извори на информации.
Според испитувањето на јавното мислење кое го објави Меѓународниот републикански институт ИРИ, спроведено во периодот април - мај 2023 година, од радио се информираат само три отсто од граѓаните. Радио станиците се претежно со забавен формат- пуштаат музика и имаат забавни емисии.
Од 64 радија колку што сега работат во земјата, пет имаат национална концесија и се дел од базата Мониторинг на медиумското сопствеништво во Северна Македонија: Канал 77, Антена 5, Метрополис, Радио Јон и првиот канал на Македонското радио.