Телевизии

Телевизиите остануваат главниот извор за информирање на македонските граѓани. Според испитувањето на јавното мислење на Меѓународниот републикански институт ИРИ, спроведено во мај 2023 година, 73 отсто од испитаниците одговориле дека за политички вести најчесто се информираат од телевизиите, додека 38 отсто од интернет медиумите.

Почетоците на телевизијата во земјата датираат од 1964 година, кога почнува да зрачи државната Македонска телевизија, тогаш позната под името Телевизија Скопје. 

Две години по прогласувањето независност од поранешна Југославија, со работа започнува и првата приватна телевизија - А1. Таа со години е најгледан медиум во земјата, се до нејзиното затворање во 2011 година, кога се отвора постапка за перење пари и затајување данок против нејзиниот сопственик и неговите соработници. Телевизијата известува критички кон тогашната власт на премиерот Никола Груевски, па јавноста во оваа постапка гледа одмазда кон медиумиот.

Денес програма во земјата емитуваат вкупно 43 телевизиски станици, од кои пет имаат национална концесија, две емитуваат преку сателит, а четири се кабелски телевизии.

Главната програма на повеќето македонски телевизии се состои од информативни емисии, дебати, контакти емисии и серии, но и сапуници претежно од турска или српска продукција. 

Колку се гледани, не се знае, бидејќи не постојат  јавно достапни податоци за гледаноста на постоечките телевизии, ниту пак има компанија која врши такви мерења. Во основа, податоци за публиката има само за пет приватни национални телевизии. Поради овие околности изборот на телевизиите за овој проект беше направен врз основа на анкетите на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Во нивниот извештај за 2022 година, најгледани телевизии биле: националните телевизии Сител, Канал 5, Алсат М, Телма, Алфа и двата канали на националниот радиодифузен сервис МТВ 1 и МТВ 2. По нив следуваат сателитската Телевизија 21 и кабелските  Телевизија 24, Шења и Клан Македонија.

Затоа во базата Мониторинг на медиумското сопствеништво во Северна Македонија се наоѓаат податоците за овие 11 телевизиски канали.

  • Project by
    BIRN LOGO
  •  
    Global Media Registry
  •  
    Funded by European Union