Клиентелизмот како модус операнди
Само една епизода од среднобуџетна серија што се емитува на светските стриминг-платформи, како на пример „Хаус оф драгон“, чини колку и годишниот рекламен потенцијал на компаниите во Северна Македонија. Овој мал рекламен колач, кој годишно не надминува 20 милиони евра и кој го делат многу играчи на пазарот, е причината поради која медиумите финансиски кубурат и прибегнуваат кон клиентелизмот како единствен начин за опстанок.
Медиумскиот пазар е сериозно заситен и по автоматизам ги „убива“ слабите телевизиски станици. Само во последнава декада згаснаа 33 локални и сателитски телевизиски станици. Па, така ако во 2011 година низ целата држава работеа вкупно 77 телевизии, единаесет години подоцна, во 2022 нивниот број се сведе на 44 ТВ-станици. Соочени со ваквата битка за преживување македонските медиуми постојано бараат начин финансиски да застанат на нозе.
Во потрагата по пари медиумите прво тропнаа на вратата од државата. До 2016 година таа беше најголемиот медиумски огласувач преку кампањите од „јавен интерес“. Во тој период владата на ВМРО-ДПМНЕ, која беше на власт од 2006 до 2016 година, на „пријателските“ медиуми им исплати вкупно 26 милиони евра за емитување кампањи на теми како што се здрава храна, етика и здрав начин на живот.
Критичката јавност препозна дека овие „пријателски“ медиуми за да си обезбедат финансиска стабилност дозволуваа политичко влијание врз нивата уредувачка политика и оваа „трговија“ ги доведе во ситуација слепо да ја да следат политиката на партијата на власт.
Од друга страна македонските новинари во анкети постојано се изјаснуваат дека ниските плати, несигурниот статус и работните услови поттикнуваат самоцензура. Во моментов, просечната плата на еден новинар е околу 470 евра и таа е пониска од просечната која изнесува 600 евра.
Законот се промени, но не и праксата
Праксата државни пари да се одлеваат во приватните медиумите се промени во 2017 година. Владата, предводена од СДСМ, во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги забрани државата и општините да трошат за информирање и на јавноста со своите услуги и активности преку приватните телевизии и радија.
Меѓутоа, набргу националните, сателитските, кабелските и регионалните телевизии се дигнаа против забраната и неколку години активно бараат да се врати државното рекламирање.
Се чини дека нивниот притисок вроди со плод, зашто во 2023 година владата подготви законски измени кои не само што ја симнуваат забраната, туку наметнуваат обврска државата и општините од својот буџет да финансираат кампањи. Измените се во собраниска процедура.
Тие предвидуваат секоја година да се одвојуваат 0,1 процент од остварените приходи во државниот и во секој буџет на локалните самоуправи за изработка и за емитување на кампањите од јавен интерес. На државно ниво тоа е сума меѓу три и четири милиони евра.
Доколку пратениците ги изгласаат измените, од следната година од буџет годишно ќе бидат финансирани најмалку една, а најмногу четири кампањи за подигање на јавната свест. Истата обврска ќе ја имаат и општините.
За реализација на кампањите парламентот ќе формира комисија од шест пратеници, тројца од владејачкото мнозинство и тројца од опозицијата. Сличен модел ќе се користи и на општинско ниво.
Комисијата ќе има задача да идентификува потенцијални кампањи од јавен интерес. Владата потоа ќе објави јавен повик за изработка на кампањите и ќе се утврди просечна цена за емитување, со три ценовни категории во зависност од тоа кога ќе се емитуваат рекламите.
Предвидено е петте приватни национални телевизии Сител, Канал 5, Телма, Алфа и Алсат М да делат 65 отсто од годишниот буџет за кампањи, додека сателитските телевизии и радијата - 25 отсто. Десет проценти од парите, пак, ќе одат на сметките на регионалните и на локалните телевизии.
Во меѓувреме, измените на Изборниот закон во 2018 година овозможија секоја партија што учествува на изборите да добие одредена сума од државниот буџет за медиумско претставување. Износот зависи од резултатите на партијата на претходните избори. На парламентарните избори во 2020 година, повеќе од три милиони евра беа распределени на медиумите во име на партиите, а за локалните избори во 2021 година, повеќе од пет милиони евра.
Директно или индиректно, сите медиуми се крепат од државата
Јавниот радиодифузен сервис МРТ исто така е финансиски зависен од државата, бидејќи најмногу се финансира од националниот буџет. Согласно Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги државата треба да издвојува 0,5 % од вкупните годишни приходи за финансирање на МРТ.
Секоја година државата ги субвенционира и печатените медиуми во делот на нивните трошоци за печатење и за дистрибуција. За пет години владата исплати вкупно 2,7 милиони евра на име на весникарски субвенции, а најголема поддршка добија дневните весници „Слободен печат“, „Вечер“, „Нова Македонија“ и „Коха“ бидејќи имаат најголем тираж и следствено на тоа имаат и највисоки трошоци за дистрибуција.
Дополнително, весниците добиваат и државни пари од огласите што ги објавуваат. Државните институции и општините законски се обврзани да ги објават сите свои огласи, како на пример оние за вработување, и други видови информации во еден печатен медиум на македонски и еден на албански јазик.
Слично како телевизиите и весниците и онлајн-медиумите сега бараат финансиска помош од државата. Барањето го аргументираат со фактот што публиката во земјава се повеќе се информира онлајн.
Во моментов тие можат само да аплицираат во Државната изборна комисија за да добијат пари од буџетот за медиумско претставување на партиите за време на изборите. Законскиот лимит е 15.000 евра (15.800 долари) по онлајн-медиум. Некои од нив се обидуваат да ја удвојат или тројно да ја зголемат својата заработувачка од изборите со тоа што ја клонираат својата содржина на повеќе различни домејни.
Како што стојат работите поголемиот дел од медиумите во Северна Македонија во голема мера зависат од специфични извори на финансирање, како што се владините субвенции, и инсистираат да се задржи ова статус-кво.
Поради тоа неизбежно се компромитира нивната главна улога како контролори на владината моќ и како платформи за јавна дебата. Зависноста од државни пари често резултира со тоа што медиумите занемаруваат суштински општествени прашања и не ги покриваат сите клучните теми од јавен интерес. Клиентелизмот станува нивен модус операнди бидејќи ги усогласуваат своите содржините со интересите на тие што ги финансираат.
Извори
Анализа на пазараот на аудио и аудиовизуелни услуги. АВМУ 2023. приспаено во: октомври 23
Напредок на стаклени нозе – извештај од Мисијата за проценка на состојбата на слободата на медиумите во Македонија. ЗНМ. (2023) пристапено во: октомври 23
Владините реклами ќе станат задолжителни кампањи од јавен интерес. Призма. (2022) Пристапено во: ноември 2023