Сопственици
Сопственици на највлијателните медиуми во Северна Македонија се лица на кои медиумскиот бизнис многу често им е споредна работа, дел од нив се странски државјани, и претежно се мажи.
Од 34 медиуми кои се дел од базата „Мониторинг на медиумско сопствеништво“, жени стојат зад девет, претежно кај онлајн медиумите. Две телевизии се семеен бизнис, Алсат М во сопственост на семејството Велија, како и Клан телевизија, зад кои стојат сопружниците со албанско државјанство Александар Франгај и Алба Џина, кои имаат свои медиуми и во Албанија.
Покрај Клан, сопственици од странство имаат уште три телевизии. Зад Алфа ТВ стои Унгарецот Питер Шатц, како сопственик на Телевизијата 24 се води Австриецот Јирген Мајкснер, додека во ТВ 21 мнозински сопственик е Афердита Келменди од Косово. Српскиот адвокат Владимир Гаљак пак има најголем удел во сопствеништвото на весникот „Слободен печат“, a зад онлајн медиумите „Република.мк“ и „Курир.мк“ стои унгарската државјанка Агнеш Адамик.
Во однос пак на бизнисите со кои се занимаваат сопствениците на највлијателните медиуми, тие варираат од нафта и градежништво, до земјоделие и медицина, па често своите медиуми ги користат како алатки за влијание врз политиките кои се носат во земјава, а кои имаат реперкусии врз нивните бизниси.
Сопственикот на Сител, Горан Ивановски, е познат по своите бизниси во рударството, транспортот и градежништвото. Минчо Јорданов, кој го поседува весникот Нова Македонија, има цела плејада од бизниси поврзани со него или неговото семејство, од приватна болница до земјоделие. Андреја Јосифовски пак, сопственикот на ТВ Телма, е најпознат по своите бизниси во нафтениот сектор.