Методологија

Теорија: Медиумскиот плурализам како клуч за демократските општества

Медиумскиот плурализам е клучен аспект на демократските општества бидејќи слободните, независните и разновидните медиуми овозможуваат разновидност на гледиштата и критика на тие што ја имаат власта.

Генерално гледано, разликуваме внатрешен медиумски плурализам, кој се однесува на тоа како социјалната и политичката разновидност се одразуваат во самите медиумски содржини (на пример, претставувањето на различни културни групи, разновидни политички или идеолошки мислења) и надворешен медиумски плурализам, кој, од своја страна, одговара на прашањето за бројот и структурата на сопствениците, што во теорија се именува како „плурализам на пазарот.“

Ризик за разновидноста на идеите е концентрација на пазарот, што е спротивност на  медиумскиот плурализам. Концентрација на пазарот се препознава:

  • Кога само неколку играчи имаат доминантно влијание врз јавното мислење, поставувајќи пречки за влегување на други играчи и перспективи (концентрација на медиумското сопствеништво)
  • Кога медиумските содржини се униформирани и фокусирани само на одредени теми, луѓе, идеи или мислења (концентрација на медиумската содржина)
  • Кога публиката чита, гледа или слуша само одредени медиуми (концентрација на медиумската публика) 

Цел: Транспарентност на сопственоста на медиумите

Независно од тоа што медиумскиот плурализам вклучува многу димензии и се соочува со многу ризици, Мониторинг на медиумското сопствеништво (Media Ownership Monitoring) МОМ се фокусира на надворешниот плурализам, или попрецизно, на концентрацијата на медиумското сопствеништво како закана за медиумскиот плурализам.

Најголемиот предизвик во борбата против овој вид концентрација е недостигот од транспарентност за сопственоста на медиумите: Како луѓето можат да ја оценат веродостојноста на  информациите, ако не знаат кој ги обезбедува тие информации? Како можат новинарите квалитетно да работат, ако не знаат кој ја контролира компанијата за која работат? И како регулаторот може да се бори против концентрацијата на медиумите, ако не знае кој стои зад нив.

Затоа МОМ цели кон тоа да создаде транспарентност и да одговори на прашањето „кој ги контролира медиумските содржини?“

- преку информирање за сопствениците на најважните медиумски куќи од различни видови (телевизија, радио, интернет, печат) и нивните врски;

- преку анализа на потенцијалното влијание врз процесот на креирање на јавното мислење, која се базира на проценка на концентрацијата на публиката;

- преку анализа на регулативата, која се однесува на сопственоста и концентрацијата на медиумите, како и на начинот на спроведување на регулативните заштитни мерки.

Методи: Собирање податоци и теренско истражување

Базиран на генеричка методологија, „Мониторинг на медиумското сопствеништво“ (МОМ) е развиен како процес на мапирање, за да се создаде јавно достапна, константно ажурирана база на податоци, во која се наведени сопствениците на сите релевантни медиуми. Преку неа се овозможува транспарентност за тоа кој ги поседува медиумите, какви интереси и врски имаат сопствениците, до кој степен се независни и оттаму кој навистина има можно влијание врз јавното мислење.

Теренското истражување не подразбира само откривање на тоа кој и колкав удел има во сопствеништвото, туку и на тоа кој евентуално ги контролира медиумите. Дополнително, преку проценка на пазарните специфичности и законската рамка во самите земји, МОМ обезбедува контекстуализација и квалитативна анализа. 

Базата на податоци е изработена од локалниот тим на Балканската истражувачка репортерска мрежа - БИРН Македонија, во соработка со Глобалниот медиумски регистар (Global Media Registry - GMR).

Алатка: Упатство за корисниците на МОМ

Базата на податоци ги вклучува следните секции:

Секцијата А „Контекст“ претставува прв поглед врз медиумскиот пазар и придружните услови, како што е регулаторната рамка во врска со прашањата на сопственоста, информации за земјата и медиумско-специфични податоци. Оваа секција овозможува подобро разбирање на наодите од следните секции и контекстуализација на проценетите ризици за медиумскиот плурализам.

Во секцијата Б „Медиумски пазар“ се наведени типовите на медиуми што се релевантни за формирање на јавното мислење. Тие се одредуваат врз основа на досегот до публиката. Се избираат најмногу 10 медиуми според видот - телевизија, радио, печат и интернет.

Во секцијата В „Сопствеништво“ се истражуваат сопственици/акционери/лица, со влијание врз најрелевантните медиуми. Клучните медиумски компании се дефинираат економски (во врска со нивниот приход) и се истражуваат карактеристиките на нивната сопственост.

Секцијата Г „Индикатори“ ги објаснува индикаторите што овозможуваат пресметување на индексот на ризикот на медиумскиот плурализам предизвикан со одредено ниво на контрола врз сопствеништвото.

Упатството за корисници е развиено врз основа на веќе постоечки истражувања за сопственоста на медиумите и медиумскиот плурализам.

Показателите се инспирирани и хармонизирани со Мониторингот за плурализам на медиумите, кој се финансира од ЕУ и го изработува Центарот за медиумски плурализам и слобода на медиумите (CMPF) при Европскиот универзитетски институт (EUI, Фиренца).

  • Project by
    BIRN LOGO
  •  
    Global Media Registry
  •  
    Funded by European Union